Признавање на професионални квалификации во ЕУ

Со Директивата 2005/36/EC на ЕУ, се реформира системот за признавање на професионалните квалификации, со цел да се направи пофлексибилен пазар на работна сила, со што дополнително ќе се либерализира давањето на услуги, ќе се охрабри автоматското признавање на квалификации, како и поедноставувањето на административните процедури.

На 20 ноември 2013 година, Европскиот парламент и Советот ја усвоија Директивата 2013/55/ЕU за изменување и дополнување на Директивата 2005/36/ЕС за признавање на професионалните квалификации. Директивата беше објавена во Службен весник на 28 декември 2013 година и влезе во сила 20 дена од денот на објавувањето (односно на 17 јануари 2014 година). Директивата треба да се имплементира до 18 јануари 2016.

Со оглед на целта на ЕУ да биде донесена првата Европска стручна картичка (EPC) во 2016 година, вчера (на 1 Декември 2014) се организираше конференција во Рим, фокусирана на Европската стручна картичка, каде се дискутираа тековните активности за да се постигне првата емисија на почетокот на 2016. Учесниците исто така разговараа за потенцијалот на оваа картичка и за промената на начинот на процесите на признавање на професионалните квалификации во ЕУ. Следниот предвиден настан на оваа тема ќе се оддржи во Атина. Предвидената работилница ќе направи преглед на реформите спроведени досега во земјите-членки на ЕУ. Повеќе информации за овој настан ќе бидат достапни на овој линк.

Европската Комисија одржува база на регулирани професии која содржи информации за регулираните професии, статистика на миграција на професионалци, лица за контакт и надлежни органи, како што е предвидено од страна на земјите-членки на ЕУ, ЕЕП и Швајцарија. Базата на податоци е достапна на следниот линк.

Advertisement