Во соработка со Националната асоцијација на општинските службеници од Бугарија (НАОСБ) и со поддршка на фондацијата Ханс Зајдел и Советот на Европа, фондацијата БАЛКАН-НЕТ во изминатите две години ја организираше и ја спроведе програмата „АКАДЕМИЈА ЗА ЛИДЕРСТВО„. Целна група притоа беа градоначалниците и раководните лица од општините во Република Македонија.
Поради огромен интерес од невладиниот сектор и од научните организации во 2015 приоритетна целна група ќе бидат токму претставници од невладиниот сектор и науката.
Проектот вклучува одржување на три интерактивни работилници на коишто ќе се обработуваат актуелни теми поврзани со лидерство во работењето на организациите (лидерска самоевалуација, лидерски стандарди, нови пристапи кон лидерството, изготвување на стратегии за управување, лидерски практики, развивање на мрежи за партнерства со други организации итн.).
Првата работилница ќе се одржи во хотел парк „Пирин“во Сандански, Бугарија, во последната седмица од февруари, 2015. Втората работилница ќе се одржи во хотел „Милениум“ во Охрид во април, 2015 и третата работилница ќе се одржи во средината на јуни, 2015 во Поморие, Бугарија.
На последниот настан, на секој што успешно ќе ја помине програмата за лидерство, ќе му биде врачен сертификат од страна на претставник на Советот на Европа. Затоа, препорачливо е на сите 3 модули да присуствуваат истите учесници!
Организаторот ги покрива трошоците за обуката како и за сместување за 9 дена на база полн пансион за сите три работилници, додека учесниците се обврзани да ги покријат патните трошоци.
Заинтересираните учесници од невладиниот сектор и науката може да се пријават за учество најдоцна до 29.12.2014 кај г-дин Жан Станоевски (e-mail: jsskopje.cs@gmail.com; jean.stanoevski@balkannet.eu; Тел: 075 219 359) или г-ѓа Наталија Ташкова – Стојанова (e-mail: natalija.tashkova@balkannet.eu; natalijacsbn@gmail.com; Тел: 075 422 276).
Пријавувањето се врши со испраќање на работна биографија (CV) со фотографија на горенаведените е-маил адреси. Поради ограничен капацитет за сместување, од пријавените учесници, во текот на јануари 2015 ќе се изврши селекција од страна на претставници од НАОСБ Бугарија.
Кандидатите што ќе бидат селектирани за учество во програмата ќе бидат обврзани да ги покријат трошоците за еднократен надомест за регистрација, печатени материјали и презентации за работилницата во висина од 60 евра (во денарска противвредност) и надомест за изготвување на сертификатот од Совет на Европа, во износ од 40 евра (во денарска противвредност).
Програмата за Академија за лидерство 2015 е достапна на овој линк.